Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Убиството на идентитетот
Вториот кат на книжевноста
Вториот кат на книжевноста

Убиството на идентитетот

Македонската судбина во една драма: ,,Црнила”

Савата1 август 2026 г.

„Долу по полето, по врабацине, до срцево
сѐ е така и ноќ и нож в’плеќи забиен
Не ме уплашија векови со нож во туѓа рака
Ме уплаши час од рака своја в’плеќи“.
Анте Поповски


Коле Чашуле ја започнува драмата со извадокот од Анте Поповски бијдеќи главната тема во ова дело е токму предавничкото убиство на Ѓорче Петров. Но Чашуле наместо документарна ретроспектива за овој настан, пишува драма која е адаптирана според вистинските случувања, но со измислени ликови и имиња.

Секој лик во оваа драма е со посебни карактеристики, сите во себе носат внатрешен конфликт, но и сите заедно се осудени на „Црнилата“ од тешката Македонска судбина. А поради таа внатрешна анализа која ја имаме постојано во драмското дејство, ова дело ги содржи карактеристиките на модерна драма.

Кога би го погледнале ова драмско дело низ призмата на стапиците за кои говори Горан Стефановски, тогаш јасно е дека оваа драма претставува трагедија.

КАДЕ: Драмското дејство се одвива во центарот на Софија. Помеѓу четири ѕида, односно станот на Христови. Според описот на домот на Христови (Милан и Неда). Овој нивни дом уште на почетокот е опишан како луксузен дом во кој е истакната големината на предметите: тешки двојни завеси преку прозорците (ставен е акцентот на темнината). Потоа големите ормани покрај ѕидовите кои во суштина наликуваат на мртовечки сандаци во кои не се закопани човечките тела, туку човечките души. Душите на оние овчи кожи кои се расфрлани по салонот. И една ламба потисната во еден агол со што се засилува ефектот на темнината во која и онаа светлина која треба да го осветли просторот е пригушена и сето тоа изгледа како една врамена пустелија, соодветно место за изготвување на монструозен план за убиство на идеал.

КОГА: Главниот настан во делото, односно убиството на Ѓорче Петров се случува во 1921 година. Ова е периодот во кој се случуваат таканаречените чистки во Македонската Револуционерна Организација, до кои доаѓа поради идеолошките поделби, како и бугарските влијанија во ЦК.

КОЈ: Носители на ова дејство се сите ликови, па токму затоа ќе ги анализираме сите еден по еден.

- Христов – сопственикот на оние четири ѕида во кои се одвива самото дејство. Самиот тој не учествува директно во настаните, но токму неговиот карактер е избран поради поданоста која ја покажува кон истакнатите личности во Организацијата.

- Неда Христова, сопруга на Христов. Навидум столбот на овој врамен пустош. Неда е нем сведок на сите настани кои постојано ги презира, но само во себе, но можеби поради фактот дека самата е неверна, а за тоа знаат сите освен нејзиниот сопруг, па поради тоа е осудена на молк и пропаст.

- Луков пак претставува движечка сила во ова драмско дејствие. Тој е претставен како сениште, како сенка која внимава буквално на секое случување во овој стан. Неговата појава и начинот на однесување шири страв кај останатите, но неговиот цврст и непоколеблив став е всушност резултат на неговите слабости и стравот кој владее со него.

- Фезлиев претставува лик кој не се плаши од ништо освен од сопствените постапки, лик кој јасно ги гледа сите случувања во ова драмско дејство, но наместо да преземе конкретни постапки со кои би го спречил ова братоубиствено крвопролевање кое не е во вистинска служба на организацијата и татковината, тој се препушта на алкохолот кој му помага да го издржи притисокот на предавството.

- Иван е љубовникот на Неда. Човек чија единствена цел е да се ослободи од овие предавнички канџи, но во истовреме е исплашен за својата глава и постојано ги извршува задачите кои ги бараат од него.

- Иако буквално сите овие ликови се трагични, сепак оној кој е најчист, но осуден на пропаст само поради неговата искреност и неговата заслепеност од идеалот е младичот. Тој го убива токму оној кој бил негов пример и причина за неговиот живот, за тој идеал. Цврст, искрен, решителен и докрај исполнителен на барањата кои ред него биле поставени од страна на ЦК. Но токму овие особини и неговата заслепеност се причината за неговиот трагичен крај.

- Иванов е идејата и мозокот кој нема директна улога, но ги држи сите конци и тој контролира сѐ во тие настани. Имено тој самиот е нарачателот на убиството.

- Во самата драма се споменати уште ликови како Милка и Методи кои се со помалку значајна улога, но се појавуваат како гласници и како оние кои говорат преку опис на настаните за останатите ликови. Особено вакво својство има ликот на Милка која всушност индиректно ја соопштува веста за смртта на Ѓорче во присуство на Младичот..

4. Иако централното дејство во оваа драма е убиството на Ѓорче Петров, самите ликови се потиснати од останатите свои дејствија и со тоа директно или индиректно учествуваат во самото убиство.

5. Неда е потисната од вистината за своето неверство, Христов од својот страв, Фезлиев е предаден на алкохолот бидејќи не може да го издржи притисокот од сознанието дека е предавник. Младичот заслепен од својот идеал и од потребата да се оддолжи кон татковината всушност самиот тој е убиец на тој свој идеал. А на самиот крај Луков е оној кој ги користи слабостите на другите, за да ги прикрие своите, користејќи се со закани и манипулации.

ЗОШТО: Трагичните елементи се најприсутни во писмото на Младичот и толкувањето на истото од страна на Луков кој вели: „Во ова писмо, оној младич... ме нарекува предател. И ми се заканува со историјата. Ѝ порачувај нејзе, на Историјата, да го задржи во убав спомен. Како Историјата да е споменарник или момински дневник. Е, драги мој,... Можеби, сето тоа, во некоја друга Историја и да е ново. Во - нашата не е. Во македонската историја, драги мој, има само... предатели... барем до сега.“ За да продолжи: „Но, тоа не е најстрашното. Најстрашното е во тоа што сево околу нас свршува како затворен круг. Денес, еве, и Ѓорчета е мртов, мртов си и ти. Па сепак, никој не мисли дека сево ова е и некаков крај.“ Со ова се засилува трагичниот момент бидејќи тука не завршува оваа агонија и жалната македонска историја која безмалку е полна со предавници.

И покрај обидите на младичот, воден од идеал, да ја ослободи својата татковина од предавниците, тој и самиот станува еден од нив...

ШТО: Покрај психолошката анализа на ликовите во самото драмско дело, присутна е и одредена доза на критика кон општеството и општествените појави, а особено кон надворешните влијанија во револуционерното дело. Па преку оваа драма, Чашуле упатува критика кон оние кои учествуваат во оној синдром на самоуништување. Некои поради својата пасивност, некој поради слабост, има и такви на кои им е одземено моралното право за побуна и бунт поради своите неморални постапки. Особено подложни на критика се оние кои се свесни за тежината на чинот кој го прават, односно јасно гледаат дека нивните постапки се апсолутно погрешни и се корисни само на оие кои имаат за цел да го уништат моралот и општеството, но сепак не се откажуваат и свесно работат против себе и својата татковина. Ваков вид на осуда дал и Григор Прличев: „Човек шчо не сиа милвит таткојната не можит да бидит чесен човек“!.

Најголемата критика Чашуле ја упатува кон оние кои се навистина искрени, имаат чиста желба да допринесат за доброто на татковината па дури и по цената на својот живот, но наместо да погледнат со отворени очи, наместо самите да се потрудат да ги видат и спознаат вистинските дела, тие се впуштаат во слепа послушност на незнајни водачи кои манипулираат со нивната поданост. Па наместо како херои, овие заслепеници завршуваат трагично и историјата ќе ги памети како предавници.

Толкувањето на името на драмата „Црнила“

Уметничката величина на Коле Чашуле може да се воочи во самото именување на сите овие трагични настани за кои пишува во драмата, односно именувањето на трагичната македонска судбина и синдромот на самоуништување со терминот „Црнила“. „Црнила“ е вистински избор за делото во кое покрај убиството на Ѓорче, се споменати и сите настани кои му претходеле токму на овој чин, а и на мрачниот приказ на иднината во која очигледно дека Чашуле не гледа светла точка која може да прерасне во надеж за осветленост на нашата македонска судбина.

Покрај историската темнина, Чашуле ја прикажува и внатрешната темнина во ликовите. Сите се во безизлезна состојба. Во една мрачна духовност која постојано се продлабочува со секој следен дијалог и дејство, која на крајот го достигнува својот врв воликот на Младичот кој посегнува по својот живот.

,,Господи, белки не умре Македонецот во мене”.