Селото Винце се наоѓа на околу 3 километри од левиот брег на реката Пчиња, во западното подножје на Градиштанска Планина. Од Куманово е оддалечено 13 километри, а од Скопје околу 30 километри.
Богатото историско наследство на Винце сведочи за неговата населeност уште од доцната антика. Во атарот на селото се наоѓа локалитетот Дренче, еден од позначајните локалитети од овој период, додека во самото село е евидентирана и доцноантичката населба Јазбина, каде се пронајдени градежен керамички материјал, како и темели од објекти.
Од средновековниот период особено се издвојуваат локалитетите Калето, познато како Врбица и локалитетот Леска, каде се пронајдени остатоци од хидроинсталации, печки за вар и керамика. Значаен е и локалитетот Црквиште, со остатоци од средновековна црква, за која се претпоставува дека била изградена врз доцноантички викус. Еден од препознатливите симболи на селото денес е старата византиска чешма.
Винце се споменува и во османлиските дефтери од 1832/33 година, според кои во селото живееле 48 христијански домаќинства. Во 1857 година, Стефан Верковиќ го бележи селото со 599 жители. А според податоците од почетокот на XX век, бројот на жители варирал. Околу 1.500 жители се регистрирани во 1952 година, што претставува најголем број.
Подоцна следува постепено намалување на населението. Според пописот од 1994 година, Винце имало 113 жители, од кои 112 Македонци и еден Србин, додека во 2002 година бројот се намалил на 90 жители, сите Македонци. Денес, во селото живеат 32 жители.
И покрај демографското опаѓање, богатото археолошко и културно наследство го прави Винце значајно сведоштво за континуитетот на животот на овој простор низ вековите.
