Од првите тројца коњаници во 1978 година до денешните десетици учесници, Илинденскиот коњички марш од Горно Лисиче до Крушево останува еден од најпрепознатливите симболи на чествувањето на Илинден. Патот што секоја година го минуваат коњаниците е повеќе од традиција – тој е жив споменик на историјата, достоинството и националната меморија.
1. Оваа година се одржува 48. Илинденски коњички марш. Колкупати вие сте биле учесник на истиот?
- Оваа година ќе учествувам по осми пат на Илинденскиот коњички марш. За мене ова не е само традиција, туку чест и обврска да бидам дел од настан кој го чува споменот на нашата историја и нашите херои.
2. Како започнала приказната за маршот?
- Приказната за маршот започнала во 1978 година благодарение на тројца млади ентузијасти – Гоце Стефковски, Борис Змејковски и Борче Стефковски. Водени од огромна љубов кон Македонија и Илинден, тие ја започнале оваа традиција која денес прерасна во еден од најзначајните патриотски настани кај нас. Нивната идеја и посветеност се темелот врз кој се гради маршот и денес.
3. Што претставува патот од Лисиче до Крушево?
- Патот од Лисиче до Крушево претставува симболично оддавање почит на илинденците и на сите македонски великани кои се бореле за слободата на Македонија.
4. Колку време трае маршот и кои се местата на кои преноќувате?
- Маршот започнува по Петровден и трае сѐ до 2 август. Првата вечер преноќуваме кај црквата во Долно Лисиче, втората во Велес, третата во Теово, четвртата во Ропотово, а на петтиот ден пристигнуваме во славно Крушево.
5. Каков е односот на локалните жители кои ги сретнувате по патот?
- Секаде каде што поминуваме сме пречекани со голема почит, гостопримство и поддршка. Тоа ни дава дополнителна сила и мотивација да го продолжиме маршот.
6. Покрај храбрите момци, на маршот неколкупати учествувале и жени. Дали годинава се има пријавено некоја девојка?
- Да, оваа година ќе ни се придружат и пет храбри девојки кои заедно со нас ќе го поминат целиот пат и ќе се соочат со сите предизвици што ги носи маршот. Тоа е уште еден доказ дека љубовта кон татковината нема пол.
7. Како изгледа подготвителниот период за овој марш?
- Подготовките се одвиваат подолг период и бараат голема посветеност, како од учесниците, така и од организаторите. Сакам да изразам искрена благодарност до сите кои несебично помагаат маршот да биде успешно организиран, бидејќи без нивната поддршка ова не би било возможно.
8. Кој момент од маршот е најемотивен за вас?
- Најемотивниот момент е пристигнувањето во славно Крушево на 31 јули, а особено полагањето цвеќе на Мечкин Камен на 2 август. Тоа се моменти исполнети со силни емоции, гордост и чувство на одговорност кон историјата.
9. Делото на кој македонски револуционер има оставено најсилен впечаток врз вашиот лик?
- Сите македонски револуционери заслужуваат огромна почит, но најсилен впечаток врз мене оставил Христо Узунов. Неговите последни зборови се вечен симбол на пожртвуваност и љубов кон татковината: „Последен пат збогум, сестро. Кажи им на другарите дека славно ќе умрам. Смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи. Македонија ќе роди нови борци, ние ќе живееме во спомените ваши. Кажете им дека сме предадени.“
10. Каква е вашата порака до младите?
- Мојата порака до младите е да ја сакаат и почитуваат својата татковина, да ја негуваат историјата и традицијата и никогаш да не ги забораваат луѓето кои ги положиле својата младост и живот за слободата. Само народ што го познава своето минато може сигурно да ја гради својата иднина.
Ти благодариме.
