Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Сара Зафировска
(не)Славните
(не)Славните

Сара Зафировска

Првиот аналоген астронаут од Македонија во ААТС

Савата15 август 2026 г.

Седум дена како аналоген астронаут – искуството на Сара Зафировска.


1. Сара, неодамна успешно ја завршивте седумдневната аналогна вселенска мисија во Полска. Какво беше чувството кога излеговте од целосната изолација по седум дена?

  • Целта на една аналогна мисија е пред сѐ целосна изолација, согласно и пост мисијата следуваше просторна и временска дезориентација. Чуството кое би го истакнала е целосна исполнетост и задоволство од успешно остварената мисија. За една аналогна мисија да се смета за успешна истата мора да го следи протоколот за остварување на комплетна изолацијата и притоа излезната врата не смее да се отвори во текот на истата.

2. За читателите кои првпат слушаат за вакви мисии, што всушност претставува една аналогна вселенска мисија и која е нејзината цел?

  • Аналогните вселенски мисии се спроведуваат со цел имитација на условите при вселенските мисии. Мисијата се спроведува на Земјата и симулира вселенски услови на работа во изолирана средина. При мисијата се тестираат експерименти со значаен импакт за вселенските мисии, апаратурата вклучена во системот за поддршка за живот (систем за ревитализација на воздухот, систем за контрола на присокот и температурата во хабитатот), следење на психолошкото и физиолошкото здравје на екипажот и тестирање на протоколите за преживување за идни мисии на Марс и Месечината. Целта на една аналогна мисија е тестирање на човековите перформанси под услови на голем стрес, изолација, ограничен простор и ресурси и интерперсоналните односи.

3. Во текот на мисијата работевте во областа на астробиологијата, поточно микробиологијата. На што конкретно беа насочени Вашите истражувања?

  • За време на мисијата во позиција на астробиолог работев во областа на вселенска микробиологија. Беа спроведени два експерменти со примена на алги и симбионти од квасци и бактерии, конкретно, спирулина(Arthrospira sp.) и комбуха. Експериментите беа насочени кон тестирање на издржливоста на организмите. Од особено значење е активното тестирање на овие организми бидејќи истите прикажуваат висока издржливост кон стрес и остануваат виабилни во вселенски услови. Спирулината е извор на протеини со можна употреба при исхрана на астронаутите во услови на ресурсна оскудност како и извор на кислород, додека комбуха биофилмот според досегашните истражувања прикажал висока резизтентност кон космичката радијација. Со поставените експерименти беше тестирана продукцијата на комбуха биофилм во вакум услови како и кокултивација на спирулина и комбуха со цел тестирање на степенот на продукција на биомаса од спирулина.

4. Зошто токму микробиологијата е толку важна за идните мисии на Месечината и Марс?

  • Постојат повеќе области за примена на микробиологијата во вселената. Од медицниски апсект од особено импакт е мониторингот на човековиот микробиом и имуниот систем во изолирани услови и начинот на интеракција на микроорганизмите меѓу асторнаутите. Тестирање на дејството на микрогравитацијата врз степенот на раст, зголемувањето на бројот на мутации, алтерација на резистеноста, како и вирулентноста кај микроорганизмите при долгите вселенски мисии. Од аспект на биотехнологијата примената на микроорганизмите е круциална за in-situ користење на ресурсите, имено се користат цијанобактерии и микроалги за производство на кислород. Поради лимитираните ресурси при долготрајни вселенски мисии микроорганизмите се извор на медикаменти, храна и биоматеријали.

5. Колку беше предизвик да се работи во средина што симулира вселенски услови? Дали постоеја ограничувања што бараа поинаков пристап во работата?

  • Средината бараше постојана спремост за грешки во системот за одржување на живот (life- support system) и брза реакција за поправка на истите. Како главно ограничување и предизвик би го истакнала дефицитот на инструменти и апаратура за спроведување на експериментите, кое поттикна пронаоѓање на нови решенија. Примарното ограничување би го издвоила и како најпозитивниот импакт што го имаше мисијата врз мене за поставување на базата за научната љубопитност.

6. Освен научниот дел, колку беше важна психолошката издржливост за време на седумдневната изолација?

  • Психолошката издржливост како и физичката според мене се витални за спроведување на една успешна аналогна мисија. Аналогните астронаути мораат да ги регулираат своите емоции, да одржуваат постојана когнитивна активност и да ја зачуваат тимската хармонија. Основните психолошки предизвици се изолацијата во ограничен простор со целосна социјална изолација од надворешниот свет како и кохабитација со висок степен на иритабилност поради стрес фактори.

7. Како функционираше тимот? Дали имавте јасно распределени улоги и колку тимската работа беше клучна за успешна мисија?

  • Тимот се состоеше од седум аналогни астронаути со специфична поделба на улогите, вклучувајќи командант, офицер за комуникации, медицински офицер, биолог, офицер за податоци, инженер и офицер за хабитатот. Тимот се состоеше од аналогни астронаути од мултинационална позадина и различно годиште. Тимската кохезивност и интердициплинарната соработка беше неопходна за спроведување на мисијата.

8. По завршувањето на мисијата, дали Вашиот поглед кон идните вселенски истражувања се промени?

  • Пост мисијата го согледав импактот на една аналогна мисија за спроведување на идните вселенски мисии. Вселенските истражувања се иднината и процес кој активно се развива со цел развој на технологијата, научното знаење и подобро разбирање на нашето место во универзумот.

9. Што значи за Вас тоа што бевте дел од меѓународен тим и што ја претставувавте Македонија во ваков проект?

  • Особена гордост ми претставуваше да бидам првиот аналоген астронаут од Македонија во овој хабитат на AATC (Analog Astronaut Training Center) во Краков, Полска. Самата позиција си носи и големи одговорности и отвори многу можности за лична меѓународна соработка. Да се биде дел од една ваква соработка носи поттик за имплементација на идеи за развој на науката во Македонија.

10. Дали ова искуство отвори нови можности за соработка или идни научни проекти?

  • Резултатите од спроведените експерименти при мисијата беа презентирани при 9-ти Симпозиум на Асоцијацијата ,,Moon Village” (9th Moon Village Association Symposium) и Интернационална Конференција за Операции на мисија на вселенско летало (International Conference of Spacecraft Mission Operations SMOPS 2026)како групни конференции, како и учеството на индивидуалната конфенеција Analog Astro Conference со две предавања насловени Protocol Description: Biotechnologies for Space-exploring Nutrient-rich Organisms for LSS и Breaking boundaries: redefining crew dynamics in lunar analog confinement. Пост мисијата продолжи контактот со целиот тим и успешноста на нашата динамика овозможи и учество на Nasa Space Apps Challenge и регионална победа на тимот во Скопје.

11. Ако треба со една реченица да ја опишете оваа седумдневна мисија, како би гласела таа?

  • Седумдневната мисија беше едно незаборавно искуство кое ми покажа дека најголемите граници постојат само за да бидат поместени.

12. Што би им порачале на оние кои сакаат да се занимаваат со биологија, микробиологија, астробиологија или вселенски науки?

  • За сите оние кои сакаат да се занимаваат со астробиологија или вселенски науки би им препорачала да се интегрираат во меѓународни програми кои нудат работа со нови технологии и даваат нови перспективи. Да не се плашат да поставуваат прашања, да истражуваат и да учат од секое искуство. Ова се области што постојано се развиваат и нудат огромен простор за нови откритија.

    Ти благодариме.