Како македонскиот јазик да им стане подостапен на луѓето ширум светот? Одговор на ова прашање нуди „Learn Macedonian“, апликација што ги користи можностите на современата технологија за учење и промоција на македонскиот јазик. Во разговорот со нејзиниот основач откриваме како се родила идејата, што го поттикнало нејзиното создавање и какви можности отвора дигиталното учење за популаризација на македонскиот јазик и култура.
1. Како се роди идејата за создавање на апликацијата „Learn Macedonian“? Кој беше главниот мотив што ве поттикна да започнете ваков проект?
• Јас сум Македонец од Австралија и имам многу братучеди, Македонци од трета и четврта генерација во Австралија, кои не зборуваат многу македонски, но сакаат да научат повеќе, а немаше доволно ресурси за тоа. Мојата вереница, која е Австралијка, исто така сакаше да научи малку од јазикот. Токму тоа ме поттикна да ја направам апликацијата.
2. Кому првенствено му е наменета апликацијата, на странците што сакаат да го научат македонскиот јазик, на македонските иселеници и нивните деца или на сите што сакаат да го запознаат јазикот?
• Апликацијата е создадена првенствено за дијаспората, особено за луѓе од македонско потекло, од сите возрасти, кои пораснале во странство и сакаат повторно да се поврзат со јазикот. Но забележуваме голем интерес и од луѓе кои едноставно се љубопитни за јазикот, од Јапонија, Колумбија, Бразил, Филипини и од цел свет.
3. Што ја издвојува „Learn Macedonian“ од другите дигитални алатки за учење јазици? Кои се нејзините најважни предности?
• За англиските говорители кои сакаат да научат македонски, постојат неколку ресурси, но ништо што се доближува до квалитетот на алатките достапни за поголемите јазици. Токму таа празнина сака да ја пополни апликацијата: квалитетен и забавен начин на учење, наместо напорна обврска.
4. Учењето јазик не подразбира само меморирање зборови, туку и разбирање граматика, правилен изговор и способност за комуникација. Како овие аспекти се опфатени во апликацијата?
• Во центарот на апликацијата е учењето зборови и реченици, како и изговарањето на тие реченици на глас. Апликацијата ги воведува и основите на граматиката. Македонската граматика е многу покомплексна од англиската, па затоа апликацијата не го заменува наставникот, туку им дава на учениците практичен и пријатен начин да почнат.
5. Кои аспекти најчесто им создаваат тешкотии на странците што започнуваат да го учат македонскиот јазик и азбука?
• Најголемата тешкотија е тоа што македонскиот е многу различен од англискиот. Кирилицата на почеток изгледа непознато, изговорот на некои букви бара навикнување, а граматиката функционира поинаку: именките имаат род, а членот и другите наставки се додаваат на крајот на зборовите.
6. Колку време беше потребно за развој на апликацијата и кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте при нејзиното создавање?
• Ми требаше околу една година. Најголемиот предизвик беше да осмислам наставна програма што им одговара и на учениците од дијаспората и на апсолутните почетници: да одлучам кои зборови и реченици да се учат и по кој редослед.
7. Каква улога имаат современите технологии во зачувувањето и меѓународната промоција на помалку застапените јазици?
• Технологијата ги прави помалку застапените јазици достапни за секој што има телефон, каде и да живее. На семејствата од дијаспората им овозможува повторно да се поврзат со своето наследство низ генерациите, а на овие јазици им дава присуство на истите места каде луѓето веќе учат јазици како шпанскиот или францускиот.
8. Каков е вашиот досегашен впечаток од интересот за апликацијата? Дали добивате повратни информации од корисниците и дали нивните предлози влијаат врз нејзиниот понатамошен развој?
• Досега е прилично успешно. Имаме стотици преземања од повеќе од 30 земји. Апликацијата ја обликував со повратни информации од семејството и пријателите за време на развојот, од луѓе кои одлично зборуваат македонски и од апсолутни почетници, а сега би сакал да слушнам и од пошироката заедница.
9. Колку е важно изучувањето на еден јазик да биде проследено и со запознавање на културата, менталитетот и традицијата на народот што го зборува?
• Многу е важно. Јазикот и културата се неразделни. За Македонците што растат во странство, било во Австралија, Канада, САД или на било кое место, учењето на јазикот е начин повторно да се поврзат со своите корени, да разговараат со роднините и да ги пренесат традициите на идните генерации.
10. Колку лица стојат зад овој исклучително значаен проект?
• Во суштина, апликацијата ја направив сам, а за содржината ми помагаше стручно лице за јазикот од Македонија.
11. Дали планирате во иднина да вклучите дополнителни содржини поврзани со македонската книжевност, историјата, културата, традицијата и народното творештво?
• Задоволен сум со тоа каде е апликацијата сега и отворен сум да додадам повеќе содржини за книжевноста, историјата и културата ако заедницата покаже интерес.
12. Дали постоеше момент кога се сомневавте дека идејата ќе успее? Што ве мотивираше да продолжите?
• Не би рекол дека се сомневав во идејата, но вложив многу време, работев до доцна во ноќта и многу напорно, решен секој детал да биде како што треба. Она што ме тераше да продолжам беше желбата да го видам крајниот резултат и придобивката што таа ја носи за луѓето.
13. Каква е вашата визија за македонскиот јазик во дигиталната ера?
• Би сакал македонскиот да биде исто толку лесно достапен за учење на телефон како шпанскиот или францускиот, со квалитетни курсеви и содржини, за луѓето од дијаспората од сите возрасти да можат да го учат таму каде што веќе си го минуваат времето, а јазикот да остане жив и да се развива за идните генерации.
14. Кога би можеле да испратите една порака до сите оние што сакаат да го научат македонскиот јазик, но сè уште не направиле прв чекор, како би гласела таа?
• Започнете со малку и не чекајте да се почувствувате подготвени. Научете неколку зборови и една-две реченици и ќе се изненадите колку брзо напредувате. Македонците сакаат да слушнат некој кој се труди, и дури и едноставно „Здраво, како си?“ ќе ви ги отвори вратите кај семејството и пријателите.
