Правилната исхрана не претставува тренд, таа е важна за човековото функционирање. Можеби за повеќето луѓе путерот од кикирики претставува само една обична тегла на полицата од локалниот маркет, но, штом ќе го вкусите оној што излегува од кујната на Александар Митовски, сфаќате дека вистинскиот вкус нема ништо заедничко со индустриските производи.
1. Колку е важна исхраната во секојдневниот живот?
- Строгите режими се тешки за одржување во секојдневниот живот, но здравата исхрана е неопходна за подобар фокус и енергија во текот на денот.
2. Во денешно време, кога постојано брзаме, колкаво е значењето на вистински одрбаните продукти за подготовка на храната?
- Многумина од нас го користат динамичниот начин на живот како оправдување зошто не можат да посветат доволно внимание на исхраната. Но, вистината е дека храната е нашето гориво и таа ни ја дава потребната енергија за да ги исполнуваме секојдневните обврски и да функционираме на највисоко ниво. Кога често избираме нездрави намирници, наместо енергија можеме да почувствуваме замор, мрзеливост и „магла“ во мозокот. На тој начин, наместо да ни го олесни динамичното секојдневие, несоодветната исхрана може дополнително да ни го отежни. Затоа, здравата и балансирана исхрана не треба да ја гледаме како дополнителна обврска, туку како инвестиција во нашето подобро секојдневие.
3. Што ве инспирираше да започнете со изработка на овој производ?
- Сите кои ме познаваат знаат дека голем дел од времето минувам во кујната и сакам да експериментирам. Иако е лесно достапен на пазарот, не можев да најдам путер со потечна текстура кој лесно ќе можам да го користам како топинг на овесот, чиа пудингот, бомбици и слични оброци. Така се одлучив да пробам да направам моја верзија на путер со специфичен вкус и текстура.
4. Како изгледа процесот на производство?
- Путерот од јатки се добива со печење и преработка на истите се додека не се постигне посакуваната текстура. Се печат кикириките во рерна, доколку се со лушпа таа се отстранува и продолжувате со процесот на мелење. Кикириката станува прав, па почнуваат да се формираат грутчиња за на крај да се формира паста. Многу путери содржат дополнителни состојките кои го менуваат вкусот и текстурата, нашиот домашен путер е препознатлив по кокосовото масло.
5. Какви кикирики користите при изработка на путерот?
- Користиме исклучиво бланширани кикирики, со нив најдобро го добиваме посакуваниот финален продукт.
6. На што најмногу внимавате при изборот на кикириките и состојките?
- Најмногу внимавам кикириките да бидат тазе. Користењето на свежи кикирики е многу важно, бидејќи при стоење го губат својот примарен вкус што влијае и на вкусот на путерот.
7. Дали користите исклучиво кикирики или имате и други варијанти и вкусови?
- Нашиот путер од кикирики е препознатлив затоа што во него додаваме и кокосово масло. Инаку подготвуваме и 100% чист путер од кикирики и "кранчи" верзија, односно течен путер со ситни парчиња кикирика во него.
8. Колку време е потребно за да се произведе путерот?
- Нашиот путер го подготвуваме по нарачка, и најчесто успеваме да го направиме за еден ден.
9. Каде читателите можат да го купат вашиот домашен путер од кикирики?
- Засега можат да си порачаат на нашиот инстаграм профил @puterotnaace.
10. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како мал домашен производител?
- Бидејќи подготовката на путерот не ни е примарна професија, понекогаш се случува да бидеме во трка со времето за да успееме навреме да го подготвиме и доставиме путерот на вашата адреса. Сепак, досега секогаш сме наидувале на разбирање и трпение од страна на купувачите, за што сме им многу благодарни.
11. Која е вашата омилена комбинација со путерот од кикирики?
- Многумина го користат во протеински шејкови, колачи и други различни рецепти. Мојата омилена комбинација е со домашен мармалад.
12. Дали вашиот путер е вегански(посен)?
- Да, нашиот путер е посен и може да се користи во веганска исхрана.
13. Дали планирате проширување на производството и збогатување на понудата со нови производи?
- Во моментов работиме на нов вкус кој полека се усовршува. Во иднина би сакале да внесеме и други јатки како бадеми, лешници и комбинации на вкусови со мед, какао, урма.
14. Каков совет би им упатиле на читателите при изборот на квалитетни и здрави производи за нивната исхрана?
- Можам да го препорачам она по кое и самиот се трудам да се водам, да ги поддржуваме малите семејни бизниси и локалните производители. Да избираме производи од домашно производство и да го поддржуваме трудот на луѓето околу нас. За среќа, во Македонија ова сè уште е лесно достапно, а со секој таков избор придонесуваме за развојот на локалната економија и за зачувување на квалитетното домашно производство.
