Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Дамјан Ѓорѓиевски
Локален производ
Локален производ

Дамјан Ѓорѓиевски

Од обична парче облека до уникатен стил

Савата1 август 2026 г.

Со молив во рака и безброј идеи во главата, младиот Дамјан успева од обичните парчиња облека да создаде подвижна уметност. А неговит дизајни не се само апликација, тие претставуваат спој на алтернативниот, традиционалниот и модерниот стил.
Разговараме за инспирацијата, подготовките, предизвиците и идните планови.

1. Кој е Дамјан надвор од креацијата? Како би го опишал твојот карактер со една реченица?

  • Црно–бел, шарен, прашалник, извичник и точка.

2. Кога сфати дека цртањето е твоја пасија?

  • Мислам дека тоа се случи во средно образование. На почетокот беше начин да се справам со досадата по завршување на задачите за време на часовите. Цртав измислени ликови, чудовишта, инсекти и животни, со хумористична цел. Потоа навлегов во цртање ,,букви” или графити, каде што почнав да се занимавам со композиција и симетрија како нешто привлечно за човечкото око. Имаше период каде што се опседнав со калиграфија, период каде што се фокусирав на карактери. А во последно време студиски пристапувам кон цртање на човечката анатомија и лик.

3. Како дојде до идејата твоите креации да ги пренесеш врз текстилот и од обичните парчиња облека, да создадеш подвижна уметност?

  • Првата инспирација ми беа фармерки од јапонскиот бред ,,Undercover 84”, кои ги видов на фотографија од светски познат хип-хоп уметник. Беа сини фармерки со повеќе површини каде што сините конци беа извадени, како на обични ,,искинати” фармерки, но разликата беше тоа што зад дупките имаше друг матријал кој беше сошиен за фаркерките да ја задржат структурата, варијација на техника наречена ,,боро” на јапонски. Првично сакав да купам исти фармерки, но кога ја видов цената се одлучив сам да си ги направам.

4. Од каде ја црпиш инспирацијата?

  • Би рекол од секаде, но мислам дека главна инспирација директно или индиректно, секогаш ми била природата.

5. Колку време е потребно за инспрациата да ја преточиш во готов производ? Опиши ни го процесот на реализација.

  • Нема само еден одговор на ова прашање, секое дело е различна приказна. Некогаш започнувам со замислена крајна цел, а некогаш импровизирам во текот на процесот. Но скоро секогаш сакам да сменам или да додадам уште нешто. Би рекол дека во просек ми се потребни 5 дена да завршам едно парче. Почнувам со цртање на хартија, но обично крајната скица е создадена при цртање директно на парчето облека. Потоа следи изборот на материјали кои понекогаш се менува во текот на изведбата на идејата, сечење на платната, привремено прицврстување на истите со шпенагли, штипки или лепак, и конечно шиењето, а да и изборот на боја на конец. Некогаш има и други процеси како намерно оштетување на парчето со најразлични методи, варикина, кинење, шмирглање и што уште не. Некогаш експериментирам со нови техники, последна таква низа на експерименти ми беше ,,боење” со конец, процес за кој ми беа потребни повеќе од 5 дена. Често се случува да има и многу отшивање и прешијување. Некогаш се случува и да сум толку незадоволен со крајниот резултат што парчето се враќа во купот на алишта кои ги користам како материјали. Но секогаш гледам да извлечам нешто позитивно од искуството, макар и само лекција.

6. Кој е најтешкиот дел од целиот процес?

  • Најтешкиот дел е да си кажам дека е доволно работа и дека парчето е завршено, секогаш сакам да додадам уште нешто. Исто така и одредување на цената ми е доста тешко, од една страна сакам парчето да си најде дом, од друга страна не сакам да се потценам.

7. Колку е ценет уметничкиот труд во Македонија?

  • За жал мислам дека доста малку. Но мислам дека полека но сигурно сѐ повеќе и повеќе се цени, но сепак треба да се подигне и стандардот на живот, за луѓето што ја ценат да можат да си ја дозволат цената. Мислам дека оние кои и сега го можат тоа повеќе ја ценат странската уметност.

8. Кој е твојот омилен уметник или моден дизајнер што те инспирира?

  • Во минатото активно ги следев делата на Јоџи Јамамото, Исеи Мијаки и Крег Грин како модни дизајнери, но нивните дела беа произведувани индустриски. Од другата страна најфасциниран сум бил од делата на Пролетареарт кој е јапонски занаетчија кој рачно ги изработува своите продукти, неговото изобличување на популарни ликови и симулација на оштетување предизвикано од време на облеката, ми остави длабок впечаток и ме мотивираше да продолжам кога сакав да се откажам.

9. Кои се твоите идни планови во однос на оваа уметност?

  • Во последниот период се обидував да создавам парчиња кои би имале по пристапна цена но мислам дека тоа беше грешка. Плановите за иднината ми се да инкорпорирам македонски традиционални мотиви во парчињата. Да се вратам на создавање на парчиња за мене, без разлика колку време ќе ми е потребно и дали некој ќе може да си дозволи да ги купи.

10. Која порака би ја испратил до нашите читатели?

  • Би парафразирал порака од еден од најуспешните дејци во модната индустрија, Рик Овенс. Многу поважно од што носиш на себе, е да се чувствуваш удобно во своето тело. Познато е дека во модата се форсираат нездрави стандарди, претерано слабеење, а во последно време и прифаќање на дебелината. Мислам дека сите знаеме како би изгледала најдобрата верзија од нас, и би сакал сите да стремиме кон истата.

Ти благодариме.