Честопати сме сведоци дека просечниот граѓанин не е доволно запознаен со основните информации во врска со развојот на една од најголемите македонски организации од минатиот век МРО-ТМОРО-ВМОРО-ВМРО. Поради тоа станува лесен плен на бугарската пропаганда, која селективно му прикажува документи од одредени личности од организацијата, кои во тоа време, во заднината работеле за бугарските интереси.
Целта на овој текст е на поедноставен начин да ги објасниме развојните периоди на Македонската Револуционерна Организација, нејзиното преименување и наследство.
Секако тука мора да се споменат и организациите БМОРК и ВМОК, преку кои Бугарија ги инсталира своите аспирации кон Македонија, а денес преку тие две имиња пробува да го бугаризира македонското ослободително движење од минатиот век.
I. МРО - Македонска Револуционерна Организација (1893–1896)
Ова е првичното, заговорничко име под кое е основана организацијата на 23 октомври 1893 година во Солун.
Фокусот е ставен исклучиво на етничката/географска територија на Македонија. Примарната цел е извојување политичка автономија како преодна фаза кон независна држава Македонија, за да се спречат аспирациите за поделба од соседните балкански држави.
Приказната за македонските-илинденски револуционери кои денес ги ставаме под името ВМРО, е всушност МРО. МРО е основата врз која се развива/модифицира организацијата во следните години.
II. ТМОРО - Тајна Mакедонско-Oдринска Револуционерна Организација (1896–1905)
Промената на името настанала во 1896 година на Солунскиот конгрес, на кој исто така верификуван е и новиот Устав под редакција на Гоце Делчев и Ѓорче Петров.
Член 1: Јасно ја дефинира целта: „...да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста...“
Член 4: Го дефинира членството: „Член на ТМОРО може да биде секој Македонец и Одринец...“
Се воведува концептот на наднационален, интернационален револуционерен супстрат – право на членство има секој граѓанин (христијанин, муслиман, Евреин, Влав) кој се бори против султанот.
Со ова име е кренато Илинденското востание, по кое настануваат големи превирања и струења во организацијата.
III. ВМОРО - Внатрешна Македонско-Одринска Револуционерна Организација (1905–1919)
Ова име е официјално усвоено на Рилскиот конгрес во 1905 година (по Илинденското востание).
Клучниот акцент е ставен на зборот „Внатрешна“. Ова е направено со цел институционално и радикално да се прекине и огради од секакво мешање на надворешни фактори, пред сè од бугарскиот двор и врховистичките чети на генералот Цончев.
Овој период го означува почетокот на длабока фракционерска поделба. Серската група предводена од Јане Сандански, се залага за реформа на Османлиската Империја (со воведување Автономија за Македонија - односно првичната идеја на организацијата) преку Балканска федерација, додека спротивната страна е поблиску до националните позиции на Бугарија.
По Првата светска војна, Македонија веќе не е под Османлиската Империја, туку е насилно поделена меѓу Србија (Кралство СХС), Грција и Бугарија. Со тоа и организацијата и некои од дејците развиваат сосема различни ставови и погледи за македонското прашање. Дурии со право може да се каже дека до 1919 се следи развитокот на една организација (МРО=>ТМОРО=>ВМОРО) и таа полека бледее во 1919 година. Оваа организација, најчесто се нарекува старото ВМРО, и таа по секоја цена се грижела за зачувување на исконската идеја на МРО од 1893 во Солун.
Новосоздадената ВМРО (Автономистичка), создадена при крајот на 1919 од страна на Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев, е почеток на една нова организација, која делува и на различен начин, на различна територија и со друг мотив. Тие прогласиле дека ја возобновуваат старата (В)МРО, со што привлекле нови симпатии кај народот, но нивните дејствија не биле ни одблиску слични со старата (В)МРО, па така и народот почнал да се одделува од нив, додека други пак, останале да и служат на заклетвата која ја дале, без разлика што на терен се спроведувала масовна ликвидација на сите преживеани Илинденци и македонски револуционери.
За раздорот настанат во овој период ќе пишуваме во идните статии.
