Пред скоро време, моја пријателка ме праша за македонско списание, каде може да објави свој текст, што ја третира маката наша македонска. И се покажа, дека е тоа проблем. Некои убави што ги имаше – се неактивни или дури ги снемало. Други се нередовни. Дело на активисти и групи работени со љубов и непрегор, многу од нив се измориле или прегореле. Заморот што многумина македонски родољуби го чувствуваат веројатно може да се спореди со оној на 4700 домашни бранители на Новиот Рим во 1453 г., кои морале да бранат 12 километри бедеми (и да надгледуваат други 9 километри бедеми), против 80 000 османлии, два месеци, ден и ноќ, без замена. Додека многумина од народот одбивале да ги поправаат бедемите ако не добијат сребреници…
И тоа во време на најголеми напади однадвор и поделби одвнатре.
Македонската мисла има нужда од соживување и обновување, од подмладување, од свежа крв и свежа мисла.
Македонската мисла има потреба од една јавна национална трпеза, каде може слободно да се размислува, зборува, разговара, дебатира, каде може сѐ да се стави на маса. Место каде може да се сретнат грижите со надежите, плановите со реалностите, мислата и чувствата, каде може да се соединат генерациите – старите со младите, луѓе од различни професии и академски области, „обединети од стимулансот Македонија“, како што велеше Никола Вапцаров. Еден демократски парл-а-ман на Македонците, каде да разговараме за нашите си македонцки работи. За што направивме и шчо требит да напраиме за однапред. Каде може да се мисли, зборува, пее за Македонија.
Не е време за молчење.
Ова е најавата што ја прави списанието Нова Лоза. Едно ново продолжување на делото на Лозарите, на Мисирков, Чуповски и Петроградското македонско другарство, на Вапцаров, Сматракалев, Коле Неделковски и Антон Попов и Македонскиот литературен кружок, на Васил Ивановски и на многу други.
На добар пат – Нова Лоза, да се шириш и зелениш, од ум на ум, од срце на срце, да бидеш долголетна и многуплодна!
