Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Младината за татковината
Македонски голос (глас)
Македонски голос (глас)

Младината за татковината

(Дел 1 - Дигитализација)

Николај Јаначков1 септември 2026 г.

Креирањето дигитална платформа во образованието се покажува како неопходно, а тоа особено се гледа во периодот на уписите на факултетите. И наместо да гледаме долги редици, целата работа би можела да се заврши со неколку клика. Еден таков систем со сигурност би чинел многу пари и би го оптоварил буџетот на државата, но што би се случило доколку, наместо да чекаме помош од страна, државата активно ја вклучи својата младина?

Имено, креирањето на ваква програма може да се реализира со помош на студентите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Наместо распишување тендер, самиот факултет би можел да распише конкурс на кој би можеле да се пријават студенти на додипломски и постдипломски студии. Тие би формирале тимови кои би работеле на создавање решение за овој проблем, под менторство на професорите.

Со учеството во создавањето на вакво решение, студентите би стекнале практично искуство, кое подоцна би претставувало сериозна предност при вработување во некои од државните институции.

Потпирајќи се на ваков систем, односно на создавање државен модел за дигитализација, со користење на трудот на студентите и поддршката од професорите, државата би требало да инвестира во иднината. Не преку скапи и наместени тендери, не преку нови задолжувања, туку едноставно преку одредени привилегии од кои би имале корист студентите и самите професори, ослободување од трошоците за додипломски студии или, пак, стипендирање на нивните трудови.

Овој модел би можел да се примени не само во високото образование и во развојот на неговите дигитални платформи, туку и при изработката на други дигитални платформи, како и при дигитализацијата на сите државни музеи, архиви и библиотеки. И, секако, предност во овие работилници од државен интерес би имале државните универзитети пред приватните, со што би се маргинализирале приватните универзитети, а би се зголемила продуктивноста и квалитетот на државните.

Продолжува…