Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Македонска салата
Македонски голос (глас)
Македонски голос (глас)

Македонска салата

Маседоан де фри

Ива Дивковиќ15 јули 2026 г.

(Говор одржан од Ива Дивковиќ, делегат на ОМО Илинден Пирин, на Генералното собрание на ЕФА во Гандија, Валенсија на 06.06.2026 г.
(Изворно напишано и презентирано на англиски јазик)

Дали некогаш сте јаделе Македонска салата?

Или можеби сте ја виделе на мени и сте се запрашале зошто се нарекува така? Македонска салата е нешто што можете да го најдете во делот за десерти на менито во некој европски ресторан. Тоа е овошна салата која најчесто се служи во Италија или Франција и се состои од мешавина од сечкано овошје.
Но, зарем Македонска салата не е прилично чудно име за една овошна салата? Еден од најтрајните наративи што му биле наметнати на македонскиот народ е токму оваа идеја за „Македонска салата“. Таа всушност потекнува од Западна Европа во 19 век, каде што терминот „Macedoine“ станал познат како мешавина од овошје или фрагментирани елементи. Овој термин помогнал да се развие и одржи перцепцијата за Македонија како бескрајно разновидна и расцепкана земја – земја без сопствен народ.


Во статија на Л. Вилари, објавена во 1904 година под наслов „Судирот на расите во Македонија“, Вилари напишал: „Кога зборуваме за Македонија обично мислиме на трите вилаети […], кои во одредена смисла одговараат на Македонија на старите. Но во модерните времиња името нема вистинско значење, ниту етнички ниту како административна поделба. Не постои раса што може да се нарече македонска, бидејќи во тој регион наоѓаме половина дузина различни раси измешани една со друга.“ Ова е архетипски пример на размислувањето од 19 и почетокот на 20 век во однос на Македонија и, 122 години подоцна, оваа перцепција сѐ уште е подеднакво присутна.
На прв поглед, оваа перцепција на овошна салата може да изгледа безопасно, па дури и славенички, но низ деколонијална призма метафората носи подлабоки импликации. Таа ја претставува Македонија не како татковина со сопствен историски континуитет и домороден народ, туку како збир од спротивставени фрагменти што им припаѓаат на други држави. Замислете целиот ваш народ да биде сведен на чинија со состојки и претставен како малку од овој народ, малку од оној народ и рака различни и спротивставени идентитети, сите измешани заедно, без ниту една домородна група поврзана со името на земјата, а потоа послужени за надворешна потрошувачка и уживање, на ваша сметка и на колективно понижување на народот од таа земја.

Да се застапува македонското право на самоопределување денес значи исто така да се предизвикаат наследените претпоставки за Македонија. Како и многу колонијални наративи за различни народи и територии, и овој ја набљудува Македонија одозгора, како предмет поставен на маса, подготвен за консумирање.
Во овој контекст, ја гледаме истата перспектива и во правното и политичкото обликување на барањата што Европската Унија ѝ ги поставува на Република Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ.


Специјалниот известувач на Обединетите Нации за прашањата на малцинствата, во јануари оваа година, ја објави својата завршна изјава по официјалната посета на Европската Унија. Во својата изјава, неговиот главен заклучок беше дека иако ЕУ силно и стратешки се залага за правата на малцинствата во трети земји и располага со значителни механизми за притисок, таа не е подеднакво проактивна кога станува збор за овие права внатре во самата Унија и укажува на очигледниот двоен стандард во заштитата на малцинските права.


Македонија, за разлика од своите соседни земји, беше првата република на Балканот, наречена Крушевска Република. Републиката го создаде Крушевскиот манифест кој го призна заедничкиот придонес на сите малцински групи заедно со Македонците во македонската борба за создавање сопствена држава. Тоа беше смела декларација за слобода, еднаквост и демократија и доказ за тоа колку прогресивна била Македонија во 1903 година. Македонија е една од најпрогресивните европски држави во однос на правата на малцинствата во споредба со многу земји членки на ЕУ. Малцинствата во Македонија се спомнати во преамбулата на Уставот, се слават и почитуваат, луѓето имаат слобода да се самоидентификуваат и да учат на своите јазици, постои сигнализација на локалните јазици, имаат право на пропорционална застапеност во администрацијата и можат да регистрираат организации.

Меѓутоа, кога ќе ги разгледаме Бугарија и Грција, двете земји заедно се членки на ЕЕЗ и ЕУ веќе 63 години, а исто така колективно се членки на Европската конвенција за човекови права веќе 85 години. Сепак, во двете држави Македонците и понатаму се етнички негирани и остануваат непризнаени. Поминаа 26 години откако ОМО Илинден Пирин беше дерегистрирана по освојувањето на пет изборни места во Пиринскиот дел на Македонија. Четиринаесет случаи остануваат неспроведени од страна на Бугарија, а многу други сѐ уште чекаат обработка. Сепак, Бугарија сѐ уште нема срам да поставува асиметрични барања за човекови права кон Македонија и да бара промена на нејзиниот Устав без какви било гаранции за иднината.
Под бугарската комунистичка диктатура државата работеше на уништување на културната автономија на Пиринска Македонија под мотото „Македонците не смеат и е можат да постојат“. И дури и по преминот кон наводна демократија, политиката кон македонското население остана непроменета. Македонскиот идентитет се третира како идеологија, односно како „македонизам“, кој се смета за антибугарски. Тоа се одразува и во ставот на Бугарија: „Македонија во ЕУ, да. Македонизмот, не.“ Така, суштинскиот услов за влез во Европската Унија станува нелетален геноцид врз македонскиот народ.

Ова најјасно се виде преку амандманите што беа усвоени на извештајот за
пристапување подготвен од европратеникот MEP ,“Thomas Waitz”, Пратеник во Европскиот парламент кој содржеше формулации што го штитеа македонскиот идентитет во процесот на пристапување и ги признаваа македонската историја, јазик и идентитет. Меѓутоа, преку бугарско лобирање, овие формулации беа избришани. На пример, во ставот 3 беше наведено дека „Советот има намера да […] премине во следната фаза од пристапните преговори […], [ПРИ ШТО ЦЕЛОСНО СЕ ПОЧИТУВААТ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ИДЕНТИТЕТ]“. Амандманот 21
конкретно го отстрани токму овој последен дел. Имаше три главни места во однос на идентитетот и три амандмани што ги отстранија токму овие формулации.


Се надевам дека јасно ја гледате шемата и злоупотребата на процесот на пристапување. А сето ова се случува во исто време кога Бугарија врши транснационална репресија врз македонското малцинство во Албанија.
Така, сведоци сме како Европската Унија и нејзините членки буквално проектираат и се обидуваат да создадат Македонска салата од државата.
Оваа резолуција повикува на поголема свест за состојбата со човековите права, правна одговорност, ставање крај на двојните стандарди и бара од ЕФА да побара официјално извинување од Бугарија за нејзините историски злосторства за време на комунистичкиот период.


За крај. Следниот пат кога ќе седнете во ресторан и ќе видите Македонска салата на менито, сакам да се сетите на оваа историја и да погледнете подалеку од овошјето. Да го видите колонијалниот поглед и во оваа салата да ја видите борбата за македонско самоопределување.


Ви благодарам!