Веб–списание од национален карактер

нова ЛОЗА

Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред

Илинден – некогаш и денес
Македонски голос (глас)
Македонски голос (глас)

Илинден – некогаш и денес

Војводите надгласани, туѓата пропаганда го заузди гневот на населението и го поведе кон крвава битка, однапред осудена на пропаст.

Савата1 август 2026 г.

1903, Војводите надгласани, туѓата пропаганда го заузди гневот на населението и го поведе кон крвава битка, однапред осудена на пропаст. Гоце, Јане, Ѓорче, Димо Хаџи Димов и ред други војводи кои некои денес би ги нарекле „левата“ ориентација на Организацијата биле против кревање на восанието. Но не поради удобните животи, едноставно поради неподготвеноста за таква битка. За жал надгласани на конгресот, на кој дел и не успеале никогаш да стигнат (Делчев).

Делчев ќе кажеше: „не сакам да водам волови на кланица“, притоа водејќи се по спомените на неговите современици, тој всушност бил најупатен во тековната состојба на теренот и подготвеноста на четите. Но таканаречената „десна“ струја се потруди да го замолчи гласот на разумот и интелектот во Организацијата, користејќи го гневот на населението, кое тоа востание најскапо го плати, отстапувајќи ги својот посед, авојата крв и своите деца.

На прашањето кој ја понесе одговорноста за прераното кревање на востанието одговорот е многу едноставен, тоа не беа оние кои го започнаа, не беа тие кои повикувајќи се на туѓа помош пребегнаа по „туѓи бели дворови“, туку мајките. Најголемиот товар го понесе многупати дотогаш расплакана мајка Македонска, која беше оставена обезличена, обесчестена, без душа и со испогането тело.

Нешто повеќе од еден век подоцна, чест се оддава на душите на младите Македонски херои кои своите животи ги положија за жалната мајка Македонија, зад чиј превез беа скриени туѓите интереси. И денес истие, нивните потомци вложуваат финансии, време и енергија, да го фалсификуваат предавството, препејувајќи народни песни, за кои доколку ги „питаме нашите баби“, јасно ќе ни кажат дека не Тодор, ами за Гоце, за Јане се создадени истие, а дека најголемиот наш душман бил самиот Македонец, задоен со туѓа пропаганда.

2017, нов Илинден но овој пат во Април. Одново личните интереси го поведуваат гневниот народ за остварување на лични интереси и испраќање на моќна порака, дека народот е немоќен пред Македонската трагедија, дека истиот е само безгласна буква која не може никако да влијае на процесите, дека истиот мора да молчи и да го чува стравот во коските. За непосредно по тој таканаречен „крвав четврток“ повторно да се обезличи Македонската мајка, која овој пат останува без својот идентитет, без своето име и одново клекната на колена. Со што, уште еднаш сите заедно успеавме да ја потврдиме Мисирковата мисла запишана во 1903: „Залудно ни е востание без интелектуално ткиво и без стратегија, та дури и да се добие таква слобода, ние не ќе знаеме што да правиме со истата“.

Честит Илинден, во исчекување на конечно обединување и слобода.