Како успеа Шекспир да изгради препознатлив бренд, креирајќи љубовна приказна помеѓу двајца млади кои никогаш не постоеле?
Несомнено, ликовите на Ромео и Јулија претставуваат синоним за вистинска љубов. И додека светот и денес лудува по приказната која Вилијам Шекспир ја измислил, а доказ за тоа е и самиот факт дека Шекспир никогаш не ја посетил Верона, градот Велес молчи за вистинската љубов на еден македонски револуционерен поет. Голем број книжевни критичари со години се обидуваат да пронајдат каков било доказ дека Ромео или Јулија некогаш постоеле, но во ниту еден архив од минатото не е заведено постоењето на семејствата Капулети и Монтеки. Ова е уште еден факт кој потврдува дека во Верона опстојува една безвременска љубовна приказна која никогаш не се случила. Тоа, секако, не може да ја намали вредноста на Шекспировото дело; напротив, покажува колку бил голем овој писател кој од својата фантазија успеал да срочи култ кој живее до денес.
Наспроти оваа фикција, во градот Велес, во 1908 година се родил македонскиот револуционерен поет Коста Апостолов Солев. Токму еден сегмент од животот на овој поет е сам по себе приказна која несомнено може да парира на светскиот класик „Ромео и Јулија“. Коста (Кочо) Солев бил лудо вљубен во својата сограѓанка Рахилка Фирфова, која била неколку години постара од него. Кочо долго време ѝ испраќал љубовни картички со поетски стихови на кои се потпишувал токму со нејзиното име, кое подоцна го зема за свој псевдоним и со кое, како што тој самиот говорит, ѝ дарува бесмртност. Во некои од картичките, Кочо си пресекувал дел од телото и се потпишувал со сопствената крв. Токму поради овие елементи, може да се заклучи дека Рацин не ја одбира смртта како пат за остварување на љубовта, туку ѝ дарува бесмртност преку своето творештво.
Иако овие две љубовни приказни во голем дел се еквивалентни една на друга, велешката носи значително поголема тежина бидејќи е вистинска, а во исто време е потисната, прикриена.
